Македонија меѓу земјите најпогодени од аерозагадувањето

Македонија и оваа зима ќе останат меѓу најзагадените во светот, сметаат експертите. Освен сообраќајот и градскиот транспорт, начинот на греење е еден од главните причинители на загадувањето.

„Енергетската сиромаштија овозможува користење на нелегални горива во домовите. Отпад, имаме отпад од мебел, опасен отпад во одредени случаи, како што е отпадот од моторно масло, кој за жал граѓаните го користат пред се. Она што треба да се направи е да се воспостават поригорозни мерки за контрола на греењето на куќите, но и да се едуцира јавноста за негативните импликации од ваквите практики“, изјави Кирил Ристовски – Центар за еколошка демократија.

„Овде проблемот е повеќеслоен. Почнувајќи од градежно работење, возила, дистрибуција на нови згради кои се градат, од стари возила, греење на дрва. Многу сложено прашање, кое треба да се реши на повеќе нивоа, за да се постигне моментот за чист воздух. Тргнувајќи од законските регулативи, надлежноста на инспекциските служби и свеста на граѓаните да осудуваат“, рече Марина Малиш Саздовска – универзитетски професор.

Експертите оценуваат дека е потребна поголема политичка волја од страна на носителите на одлуки, придружена со доволно финансиски средства, за да се почувствуваат придобивките од мерките.