МАКЕДОНИЈА ОДИ ПО ВТОРА ПОБЕДА – Вечерва против Малта македонските фудбалери ќе се обидат да ги задржат шансите за ЕУРО2024
Македонската фудбалска репрезентација синоќа го одржа официјалниот тренинг на Националниот стадион во Та Кали на кој вечерва од 20:45 часот ќе се обиде втор пат да ја совлада Малта во квалификациската група Ц и да ги задржи шансите за пласман на ЕУРО2024.
Гостувањето во Малта доаѓа три денови по освоениот бод против европскиот првак Италија во Скопје со кој избраниците на селекторот Благоја Милевски ја прекинаа серијата од два порази.
Поради болки во грбот во македонскиот состав вечерва ќе недостасува стандардниот голман Столе Димитриевски, а дополнително е повикан чуварот на мрежата на Шкендија, Давор Талески.
Според информациите во македонскиот табор, на стадионот во Та Кали синоќа тренираа и играчот за врска Аријан Адеми и дефанзивецот Дарко Велковски, кои поради повреди го пропуштија натпреварот со Италија.
Македонската репрезентација е четвртопласирана во групата Ц со четири бодови, а Малта е последна без бодови.