Поради тешката состојба околу буџетот и необезбедените средства за проекти и обврски во образованието, наставниците нема да имаат покачување на платите во септември за 12 отсто, како што бара Синдикатот, но зголемување ќе има во март.
„Јас се борам силно и ќе се борам за наставниците и ќе продолжам и ќе инсистирам да се оствари тоа што им го ветивме. Им ветивме уште во првата година – за оваа Влада првата година е од јуни до следниот јуни. Во првата година секако дека ќе имаат раст. Во месец март ќе имаат покачување на платите колку што дозволува Буџетот, тоа ќе добијат. Во текот на оваа година доколку има можност за зголемување за да бидат задоволни и мотивирани“, изјави денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Одговарајќи на новинарско прашање по посетата на OУ „Лубен Лапе“ во општина Аеродром, Јаневска нагласи дека како наставничка точно ги знае, како што рече, „проблемите и со какви предизвици и притисоци се соочуваат наставниците“, но смета дека дека ќе имаат разбирање за реалните можности.
„Да имав шанса утре ќе им ја зголемев платата, а не за тие 12 проценти што ги бара синдикатот. Според можноста 30, 40, 50 отсто. И нема дилема дека треба да имаат повисоки плати, ги кажувам само реалните можности, го кажувам она што го наследивме од претходната власт. Ако тој министер или кој било друг министер правилно го испланирал буџетот, немаше да имаме проблеми. Соочени сме со големи средства за учебници, големи средства за неплатен студентски стандард, големи средства за неплатен студентски стандард, проблеми со превозот. Гледате дека се реновираат училниците, се реновираат санитарните јазли. Тоа е се што е потребно. Не дека платите на наставниците не се потребни, тие се и важни, но убедена сум дека ќе имаат разбирање“, рече Јаневска.