Македонија преговара со ЕК дел 2,2 милиони злоупотребени евра да бидат вратени, а дел да бидат компензирани со идни проекти
Националната агенцијата за образовни програми и мобилност го добила официјалното известување за враќање на 2,2 милиони евра, средства од Еразмус+ програмата кои се злоупотребени во Македонија.
Државата има рок од 30 до 45 дена да ги врати парите на Европската комисија.
Македонскиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ денеска од Битола каде присуствуваше на отворањето на Еразмус+ инфо центар, соопшти дека се прават напори долгот да се затвори со компензација.
– Бараме начини како дел од средствата да се вратат, а дел да бидат одбиени од некои идни проекти. На добар пат сме тоа да го договориме – порача Маричиќ.
Европската канцеларија за борба против измама – ОЛАФ, констатирала низа неправилности кај грантови доделени на 22 корисници во Македонија во периодот од 2016 до 2018 година од програмата Еразмус+.
ОЈО за организиран криминал работи на овие случаи, а по завршувањето на процесот, Националната агенција за образовни програми ќе побара од лицата за кои што ќе се утврди дека направиле злоупотреба на паричните средства истите да ги вратат.