Пратениците на Собранието на Северна Македонија синоќа гласаа за новата влада, која ќе ја предводи Христијан Мицкоски, а ќе формираат коалицијата ВМРО-ДПМНЕ албанската коалиција „ВЛЕН“ и партијата „ЗНАМ“.
За избор на новата влада гласаа 77 пратеници, 22 беа против, а воздржани немаше.
Во свечена изјава, по изгласувањето на Владата, новиот премиер Христијан Мицкоски го употреби уставното име на државата „Северна Македонија“, притоа порачувајќи дека оваа должност ќе ја извршува одговорно.
„Функцијата на премиерот ќе ја извршувам совесно и одговорно и ќе ги почитувам Уставот и законите на Република Северна Македонија“, рече новиот премиер Христијан Мицкоски.
Новата влада наместо 16 министерства како што имаше претходната влада, ќе има 20 министерства. Тројца министри ќе бидат без ресор, а премиерот ќе има пет заменици.
Во Владата на Христијан Мицкоски има 20 мажи и три жени, просечната возраст на членовите на Владата е 47 години – најстариот има 66 години, додека најмладиот 33 години.
Во владиниот кабинет 15 члена се од коалицијата „Таша Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата на албанските партии „ВЛЕН“ и двајца од движењето „ЗНАМ“ предводена од градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски.
ВМРО-ДПМНЕ ги избра Владо Мисајловски за министер за одбрана, Панче Тошковски за внатрешни работи, Тимчо Муцунски за надворешни работи, Гордана Димитриеска-Кочоска за финансии, Сања Божиновска за министер за енергетика, рудници и минерални суровини, додека за земјоделство, шумарство и вода е Цветан Трипуновски.
Министер за транспорт е Александар Николовски, за локална самоуправа Златко Перински, за образование и наука Весна Јаневска, за култура и туризам Зоран Љутков, за дигитална трансформација Стефан Андоновски, а министер за спорт е Борко Ристовски.
Албански министри од редовите на коалицијата „ВЛЕН“ се министерот за европски прашања Орхан Муртезани, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, министерот за здравство Арбен Таравари, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, Министерот за просторно планирање и животна средина Изет Меџити и министерот без ресор Арбен Фетаи.
Двајцата министри од најмалиот партнер на владината коалиција на партијата „ЗНАМ“ се министерот за правда Игор Филков и министерот за јавна администрација Горан Минчев.
Парламентарното мнозинство, во кое членуваат коалицијата ВМРО-ДПМНЕ, „ВЛЕН“ и „ЗНАМ“ има вкупно 78 пратеници во Собранието на Северна Македонија.
Во новиот состав на Собранието, во опозиција се коалицијата „Европски фронт“ предводена од Албанската Демократска унија за интеграција (ДУИ), коалицијата „За европска иднина“ предводена од СДСМ и политичката партија „ЛЕВИЦА“.