Македонија ќе и помогне на Украина со своето искуство во процесот на европска интеграција

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска имаше средба со амбасадорката на Украина во Македонија, Лариса Дир, чиј фокус беше на прашања поврзани со европската интеграција и билатералната соработка.

Министерот Муртезани, како што се наведува во соопштението, ја истакнал силната поддршка на Македонија за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и на украинскиот народ, во контекст на руската воена агресија, нагласувајќи ја нашата целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. Истовремено, Муртезани ја поздрави позитивната одлука на Унијата за кандидатскиот статус на Украина за членство во ЕУ.

„Соговорниците изразија надеж за успешен заеднички напредок на двете земји на евроинтегративниот пат, за што министерот Муртезани ја истакна подготвеноста на Северна Македонија да ги сподели своите искуства во однос на пристапните преговори за скрининг, усогласување на законодавството со правото на ЕУ, подготовката. на националната верзија на европското право, координација на ИПА фондовите и слично“, соопштуваат од Министерството за европски прашања.

На средбата, додаваат оттаму, се разговарало и за можна соработка во контекст на размена на искуства и добри практики, преку Меморандумот за соработка на теми поврзани со евроинтеграциите, на иницијатива на македонска страна. Дир и Муртезани ги потврдија одличните билатерални односи, осврнувајќи се на модалитетите за зајакнување на политичкиот дијалог, економските односи и можностите за инвестирање со оглед на ситуацијата во Украина.