Македонија ќе прифаќа само граѓани депортирани од Соединетите Американски Држави кои нелегално престојувале таму, изјавија од македонското Министерство за надворешни работи за „Слободен печат“ по одлуката на Косово да прифати до 50 мигранти од Америка.
„Веднаш по доаѓањето на администрацијата на претседателот Трамп, беше испратено барање за прием на граѓани на Република Македонија кои нелегално престојуваат на територијата на Соединетите Американски Држави, доколку се утврди таков статус. Со оглед на тоа што станува збор за граѓани на Република Македонија, Владата на Република Северна Македонија го прифати барањето за нивен прием во случај на депортација врз основа на ова“, соопшти Министерството за надворешни работи.
Според информациите од таму, досега немало барање за прием на такви лица, државјани на Република Македонија.
Инаку, косовската Влада вчера одлучи да прифати до 50 мигранти од трети земји од САД во рок од една година, а мигрантите ќе престојуваат во Косово „со цел да се олесни нивното безбедно враќање во нивната земја на потекло“.
„Владата на Косово донесе одлука за обезбедување привремена и непосредна заштита на 50 лица во рамките на соработката со Соединетите Американски Држави. Лицата опфатени со оваа одлука за време на нивниот престој во Република Косово ќе постапуваат во согласност со важечките законски прописи и ќе ги уживаат правата утврдени со важечките законски прописи“, соопшти Владата на Косово.
Премиерот Албин Курти изјави дека изборот на мигранти ќе се врши од „предложен список“.