Македонска компанија „Сајтрокс“ ставена на црна листа под американски санкции поради шпионажа

Американското Министерство за трговија ја стави македонската компанија „Сајтрокс“ на „црната листа“ откако заклучиле дека оваа и неколку други слични компании претставуваат закана за националната безбедност на САД.

Како што се наведува во документот, на црната листа се ставени четири компании: „Сајтокс АД“ со седиште во Северна Македонија, „Интелекса С.А.“ со седиште во Грција. „Сајтокс Холдингс Зрт.“ со седиште во Унгарија и „Интелекса Лимитед“ со седиште во Ирска.

„Тие се ставени на листата поради трговија со сајбер-експлоит програми кои се користеле за да се пристапи до информациски системи. Нивната активност е спротивна на националната безбедност на САД и надворешно-политичките интереси“, стои во соопштението на Министерството за трговија.

Компанијата Мета, под која се наоѓаат Фејсбук и Инстаграм, кон крајот на 2021 година објави дека блокирале 300 профили на нивните платформи поврзани со македонската компанија „Сајтрокс“, кои биле вмешани во сајбер-шпионажа на луѓе од разни светски земји, меѓу кои и политичари и новинари. Ова било направено во склоп на поголема акција за справување со „платеници за надзор“, во која се блокирани профили поврзани со седум компании од различни земји во светот кои со помош на малициозни софтвери шпионирале 50.000 луѓе низ 100 држави во светот.

Според извештајот на Мета, македонската компанија „Сајтрокс“ продавала алатки за шпионирање и злонамерен софтвер преку кои нивните клиенти можат да компромитираат андроид и иОС уреди. Во соработка со „Цитизен Лаб“, лабораторијата за сајбер-безбедност на Универзитетот во Торонто, тие успеале да дојдат до дел од овие софтверски решенија.

Истрагата пронашла клиенти во Египет, Ерменија, Грција, Саудиска Арабија, Оман, Колумбија, Брегот на Слоновата Коска, Виетнам, Филипини и Германија. Мета на „Сајтрокс“ и нивните клиенти вклучувале и политичари и новинари низ светот меѓу кои и во Египет и Ерменија.

Според „Цитизен Лаб“ компанијата „Сајтрокс“ била основана во 2017 година со дејност „обезбедување на влади со оперативни сајбер решенија“ кои вклучуваат собирање информации од уреди и клауд услуги. Компанијата започнала како македонски старт-ап, а документи покажуваат и дека имаат свое присуство и во Израел и Унгарија.

„Цитизен Лаб“ пренесе дека директор на „Сајтрокс“ тогаш бил Иво Малинковски, а дека со шпионскиот софтвер „Предатор“ развиен од оваа компанија биле хакирани двајца Египќани – првиот е Ајман Нор, политичар во егзил, а другиот е познат водител на популарна новинска емисија, кој сакал да остане анонимен.

Во извештајот имаше и список на интернет-страници кои, според Мета, компанијата „Сајтрокс“ ги користела за вршење на својата злоупотреба и имитирање на вистински интернет-страници. Меѓу нив можат да се адреси како: „covid19masks.shop“, „danas.bid“, „kathimerini.news“, „guardnews.live“, „youtub.app“ и слично.

Ставањето на „црната листа“ практично значи забрана на САД да има било каква економска поврзаност со овие компании.