Македонскиот јазик, литература и култура – научен предизвик за нови генерации истражувачи од странство

Македонистичките научни вистини и македонскиот збор и натаму ќе одекнуваат низ светот. Со нови лингвистички, книжевни и културолошки анализи на делата на Крсте Мисирков и Ацо Шопов, кои веќе ќе бидат референци во меѓународната академска средина. Со важни, нови отворени прашања за македонскиот јазик, литература и култура наспрема другите јазици, литератури и култури, со примена на најсовремени методолошки пристапи. Тоа се генерално заклучоците од јубилејната 50. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ што се одржа во Охрид.

Истражувачи од Кина, Австралија, Шведска, Турција, Австрија, Франција, Полска, Чешка, Унгарија, Русија, Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Косово, како и од истражувачи од нашата земја, со нови истражувања и заклучоци за македонскиот јазик, литература и култура. Со важни, нови отворени прашања за македонскиот јазик, литература и култура наспрема другите јазици, литератури и култури, со примена на најсовремени методолошки пристапи.

Како што соопшти организаторот, на научниот собир остварени се и нови контакти, презентирани се идеи за продллабочување на соработката меѓу македонските и странските македонисти, балканисти и слависти, преку кои афирмацијата на македонистиката во меѓународни рамки ќе е уште посилна. И клучно, според нив, има нови генерации истражувачи од странство за кои македонистиката е и ќе биде научен предизвик. Со своите презентирани истражувања, тие укажаа: странската македонистичка научна мисла има големи перспективи.

„Клучно е што по презентациите на научните трудови, во сите сесии се одвиваа и плодотворни дискусии, преку кои се отворија и низа други, нови прашања, се воспоставија нови тези, но и се препознаа конкретни можности за натамошни заеднички научни истражувања на македонските и странските истражувачи, со кои македонистиката ќе биде уште повидлива на меѓународен план. Притоа, особено значајно е што во тие дискусии учествуваа и нови странски истражувачи“, соопштија од МСМЈЛК.

Инаку, трудовите презентирани на 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ ќе бидат објавени во зборник, којшто се очекува да биде една од најзначајните научни публикации објавени кај нас изминатиов период.

Конференцијата на МСМЈЛК при УКИМ беше дел и од националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов“ под покровителство на претседателот на државата, а се организираше и со финансиска поддршка од Министерството за култура.