МАКЕДОНСКИТЕ ОДБОЈКАРИ НА ЧЕКОР ДО ИСПИШУВАЊЕ ИСТОРИЈА – Со победа над Црна Гора речиси сигурно обезбедуваме пласман во 1/8 финалето, селекторот верува во момците: “Мотивирани за борба влегуваме во дуелот“

Дводневната пауза по стартната победа на Европското првенство против Данска заврши за македонските одбојкари, кои вечерва против Црна Гора со почеток од 20:00 часот во СЦ Борис Трајковски“ ќе го одиграат вториот натпревар во рамки на групата Ц во Скопје.

Триумфот од 3 -1 над Данска во средата ѝ ја подотвори вратата на македонската одбојкарска репрезентација за историски пласман во осминафиналето, а со победа над Црна Гора избраниците на Јошко Миленковски речиси сигурно ќе обезбедат место во нокаут фазата која ќе продолжи во Бари.

Селекторот Јошко Миленкоски очекува вечерашниот дуел на македонските одбојкари против Црна Гора да биде уште потежок од воведниот на Европското првенство во Скопје, но убеден е дека со мотивација, борба и верба во сопствените квалитети на крајот нема да изостане победата.

Помина еден од потешките натпревари на ЕП, почетниот, кој секогаш создава поголем притисок дека мора да се добие. Тоа не беше лесно да се издржи, но следи натпреварот со Црна Гора. Не знаеме кој натпревар е потежок. Според мене, Црна Гора можеби како противник е полесен, но како натпревар е потежок затоа што фактички ќе биде одлучувачкиот за нашиот пласман во следниот круг“, изјави Јошко Миленкоски.

Јошко Миленкоски

Сигурно дека ќе играат растоварено, квалитет поседуваат, но останува на нас овој натпревар повторно да го одиграме со студени глави и да ги поправиме грешките кои ги покажавме на дуелот против Данска. Оптимисти сме, имавме два дена одмор, ќе влеземе свежи и орни за борба, бидејќи само борба, верба во сопствениот квалитет и мотивација е рецептот кој треба да нè води кон еден конечен добар резултат“, порача Јошко Миленкоски пред вечерашниот дуел

Со вечерашниот дуел ќе се комплетира второто коло во групата Ц во која Полска вчера ја совлада Холандија со 3-1 во сетови, а со идентичен резултат Чешка беше поуспешна од Данска.

Полска води на табелата со максимални шест бодови и сет количник 6-1, а македонската репрезентација е второпласирана со три бодови (3-1). Холандија е на третото место со три бодови (4-3), пред Чешка 3 (3-4), Црна Гора 0 (0-3) и Данска 0 (2-6).

Пласман во осминафиналето ќе обезбедат четири најдобро пласирани репрезентации во групата Ц која се игра во Скопје.