Македонската женска ракометна репрезентација направи голем исчекор кон пласман на Европското првенство 2024, откако денес забележа значајна победа на гостувањето кај Литванија со 31:28.
На полувреме Македонките водеа со 17:15, на петнаесетина минути пред крајот резултатот беше нерешен 23:23, но на крајот заслужено ги освоија бодовите.
Капитенот Сара Ристовски со девет голови беше најефикасна во победничкиот состав, Андреа Седлоска постигна осум погодоци без промашување.
Македонската и шпанската репрезентација со по две победи се на првите две места во Групата-5, Литванија и Азербејџан се без бодови по двете одиграни кола.
Пласман на Европското првенство обезбедуваат двете првопласирани, а шанса има и третопласираната.