Првите македонски армиски припадници веќе работата на терен во градот Кахраманмараш, еден од тешко погодените во разорниот земјотрес.
Тим составен од 24 армиски припадници од составот на баталјонот за специјални сили и двајца инструктори од командата за обука и доктрини заедно со две службени кучиња помагаат во потрагата по преживеани од разорниот земјотрес кој рано утрото во понеделник ги погоди југоисточните делови на Турција и северот на Сирија.
„Армиските припадници на теренот ја искажуваат својата одлучност и обученост професионално да ја извршат задачата и да го употребат целиот свој максимум во пронаоѓање на настраданите и на секој можен начин да помогнат на граѓаните на сојузничка Турција. Надеж дека во текот на пребарувањето ќе се спасат човечки живот каде секој момент е драгоцен даваат и службени кучиња од расата белгиски овчар и лабрадор, кои заедно со инструкторите се обучени токму за пронаоѓање лица во елементарни непогоди“, соопшти АРМ.
Денеска на предлог на Министерството за одбрана Владата донесе одлука за испраќање на дополнителни 36 припадници од специјалните сили обучени за спасување и претрага во урнатини кои ќе учествуваат во хуманитарната операција во Турција.