„Македонско село“ повторно се отвора, Томовски: Комплексот беше затворен седум години поради лошо управување
Од денес, комплексот „Македонско село“ повторно ќе стане центар на културна размена, традиција, автентична архитектура и туристичка понуда на Македонија. Ќе стане дестинација за локални и странски гости, за ученици и студенти, за уметници и истражувачи, за сите оние кои сакаат да го почувствуваат духот на Македонија – жив, топол и горд. Горд сум на повторното отворање на комплексот, кој беше затворен речиси седум години и сведочеше за лошо и неодговорно управување во минатото, напиша денес на социјалните мрежи директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски.
„Денес испративме јасна порака – кога има визија, кога има одговорност и посветена работа, државниот имот може и треба да се искористи во корист на граѓаните и националниот интерес“, нагласува Томовски.
„Го враќаме „Македонското село“, додава тој, како жив симбол на Македонската историја, како економски двигател за локален развој и како пример дека кога државата управува со чесност, резултатите се видливи и трајни.”