Македонско-хрватското друштво Тетово со нов простор, библиотека и изложбен салон, најавена и монографија
– Македонско–хрватското друштво (МХД) денеска во Тетово и официјално го отвори новиот простор, Хрватски културен центар во кој се вклучени и библиотека и изложбен салон.
На отворањето присуствуваа и хрватскиот државен секретар задолжен за дијаспора, Звонко Милас, хрватската амбасадорка Нивес Тигањ, заменик министерката за надворешни работи Фатмире Исаку и посебниот советник Милан Бошњак.
– Поставената библиотека има за цел да послужи на сите членови и заинтересирани, кои имаат желба да прочитаат некоја од околу 500-те книги. Голем дел од овие книги се и донација на самите членови низ годините, а и денеска беше збогатена со дела на македонско-хрватската писателка Љерка Тот Наумова. Новите просторни услови ќе помогнат кон подобро функционирање на ова друштво, кое во Тетово постои од 2002 година. Во изложбениот простор моментално се поставени слики од последната изложба „Хрватска низ времето“ која ја организираше МХД во соработка со м-р Славчо Максимовски оваа година, изјави претседателот на МХД Тетово, Недиљко Ромац.
Државниот секретар задолжен за дијаспора, Звонко Милас, рече дека овој нов центар е мошне значаен за заедничката цел чување на хрватскиот идентитет.
– Сите оние вредности по кои се познаваме како припадници на хрватскиот народ за тоа ни е потребен дом, куќа, и затоа овој простор има голема вредност. Покрај тоа почетоците на овој центар со воспоставување на библиотека е одлична работа. Се надеваме дека ќе придонесат младите да бидат тука присустни и ќе имаат придобивка од оваа библиотека. И ние како државнa канцеларија ќе придонесеме за зајакнување и проширување не само на активностите туку и на библиотеката и се она што ќе придонесе за овдешно собирање и ангажмани како што повеќе би биле поврзано со Хрватска, изјави Звонко Милас, државен секретар задолжен за дијаспора на Хрватска.
Секретарот Марко Видачек ја најави монографијата посветена на хрватскиот придонес кон Тетово и Хрватите во Тетово и тетовскиот крај.
– Монографијата активно се подготвува од минатата година, а досега има опфатено околу 150 Хрвати кои од 1918 година имаат живеено или работено во Тетово и тетовско. Пример таму ќе има информации за брачниот пар Иво и Марија Хорват кои како истражувачи, во 1928 година на Шар Планина имаат пронајдено два вида на перуника. Во досегашните истражувања споменати се околу 30 хрватски истражувачи, планинари, ботаничари и патописци кои на свој начин даваат посебен придонес кон истражувањето, откривањето и промовирањето на Шар Планина, во периодот од 1918 па наваму. Посебен придонес кон Тетово има и архитектот и професор Ѓуро Анцел кој се потпишува на проектантските решенија за фабриката „Тетекс“ во 1950-тите години, кои ги објави МХД минатата година, рече Видачек.
Во иднина во просторот ќе бидат претставени и дигитализирани слики, документи и друга архивска граѓа. На свеченоста осврт беше даден и за двете дигитални платформи на МХД – www.arhivhr.mk како прв дигитален архив на Хрватите во Македонија и на www.croatica.mk дигитална информативна платформа.