Францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот изјави дека испраќањето западни трупи на теренот во Украина „не е исклучено“ во иднина, откако ова прашање беше дискутирано на состанокот на европските лидери во Париз, бидејќи целосната инвазија на Русија влегува во третата година..
Според странските медиуми , пренесува Телеграф, францускиот лидер истакнал дека „ќе направиме се што е потребно Русија да не ја добие војната“ по состанокот на над 20 европски шефови на држави и влади и други западни претставници.
„Денес нема консензус за испраќање војници на терен на официјален и одобрен начин. Но, во однос на динамиката, ништо не може да се исклучи“, рече Макрон на прес-конференција во Елисејската претседателска палата.
Сепак, Макрон одби да даде детали за тоа кои нации размислуваат за испраќање војници.
Според медиумите, на средбата биле германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот на Полска, Анджеј Дуда, како и лидери од балтичките земји.
Соединетите Држави беа претставени од нивниот главен дипломат за Европа, Џејмс О’Брајан, а Обединетото Кралство од нивниот министер за надворешни работи, Дејвид Камерон.
Дуда рече дека најжестоката дискусија била дали да се испратат војници во Украина и „нема договор за ова прашање. Овде мислењата се различни, но такви одлуки нема“.
Претседателот на Полска рече дека се надева оти „во најблиска иднина заедно ќе можеме да подготвиме значителни пратки со муниција во Украина. Ова е најважно сега. Ова е нешто што навистина и треба на Украина“.
Макрон претходно ги повика европските лидери да ја гарантираат „колективната безбедност“ на континентот нудејќи ѝ непоколеблива поддршка на Украина пред најжестоките офанзиви на Русија на бојното поле во последните месеци.
„Особено во последните месеци видовме дека Русија станува поостра“, рече Макрон.
Покрај тоа, Макрон ја спомена потребата од зајакнување на безбедноста за да се спречат какви било руски напади врз други земји во иднина.
Естонија, Литванија и Летонија, како и многу поголемата Полска се сметаа меѓу можните цели на идниот руски експанзионизам. Сите четири земји се цврсти поддржувачи на Украина.