Како знак за растечкото значење на Гренланд, францускиот претседател Емануел Макрон денес го посетува овој арктички остров, потег што експертите го сметаат за демонстрација на европското единство и сигнал до американскиот претседател Доналд Трамп.
По пристигнувањето во главниот град Нук утрово, Макрон ќе биде пречекан од студено и ветровито време, но и покрај студените услови, со оглед на повод неговата посета, се очекува да добие и топло добредојде од населението, јавува Би-Би-Си .
„Морам да кажам дека ова е важно, бидејќи никогаш не сме имале посета од претседателот и ваква посета е добредојдена“, вели долгогодишниот функционер на Гренланд, Кај Клајст.
Нук е мал град со помалку од 20.000 жители, а доаѓањето на светски лидер и неговата придружба е голем настан.
„Мислам дека луѓето ќе бидат љубопитни, токму кога ќе слушнат за тоа. Мислам дека ќе бидат заинтересирани каква ќе биде неговата порака. Тој е претседател на Франција, но е и важен претставник на Европа. Тоа е порака од европските земји да покажат поддршка, дека Гренланд не е на продажба и дека е за Кралството Данска“, вели консултантот и водител на подкаст, Арнакулук, Јо Клајст.
Францускиот претседател е првиот високо рангиран лидер поканет од новиот премиер на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен. Разговорите ќе се фокусираат на безбедноста во Северноатлантската и Арктичката област, како и на климатските промени, економскиот развој и клучните минерали, пред Макрон да се упати на самитот на Г7 во Канада.
Данската премиерка Мете Фредериксен, исто така, присуствува на настанот, и таа ја нарече посетата на францускиот претседател уште едно конкретно сведоштво за европското единство во услови на тешка надворешнополитичка ситуација во последните месеци.
Гренланд, полуавтономна данска територија со 56.000 жители, е под интензивен притисок веќе неколку месеци поради сè почестите и специфични изјави на американскиот претседател Доналд Трамп, кој постојано повторува дека го сака овој остров богат со минерали, наведувајќи ја американската безбедност како главна причина, но исто така не исклучувајќи ја употребата на сила за припојување на Гренланд кон САД.
„Макрон не доаѓа на Гренланд само за Гренланд, туку тоа е и дел од поголема игра, меѓу овие големи сили во светот“, вели Клајст.
Франција беше меѓу првите земји што се изјаснија против Трамп, дури и понудија да распоредат трупи, што Данска го одби. Само пред неколку дена на конференцијата на ОН за океаните во Ница, Макрон нагласи дека „океанот не е на продажба, Гренланд не е на продажба, Арктикот и ниедно друго море не е на продажба“, зборови што Нилсен брзо ги поздрави со аплауз.
„Франција нè поддржува уште од првите изјави за преземање на нашата земја“, напиша тој во објава на Фејсбук.
Улрик Прам Гад, виш истражувач во Данскиот институт за меѓународни студии, смета дека самото доаѓање на Макрон е силна порака.
„Потпретседателската двојка не успеа баш. Тоа, секако, испраќа порака до американската јавност и до Трамп“, вели тој, осврнувајќи се на посетата на Џ.Д. Венс и неговата сопруга Уша во март и недостатокот на јавни ангажмани.