Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека се очекува Белград и Приштина да се ангажираат во спроведувањето на француско-германскиот предлог, како и дека визната политика ќе биде ревидирана доколку страните не се однесуваат одговорно, пренесува српската РТВ.
– Со Германија напишавме нов патоказ кога се во прашање разликите меѓу Србија и Косово. Верувам дека ова е добар патоказ поддржан од европските преговарачи и нашиот претставник, затоа очекуваме јасна посветеност од двете страни – рече Макрон на прес-конференцијата.
Тој додаде дека се очекува јасен ангажман на двете страни во врска со изборите во општините на северот на Косово, како и со обновеното учество на Србите во институциите.
– Очекуваме дека мирот ќе се врати во овој регион – рече Макрон.
Тој посочи дека Франција и Германија имаат преземено одредени обврски кога станува збор за визната политика и други економски прашања, кои, како што рече, ќе бидат разгледани доколку страните не се однесуваат одговорно.
– Мораме да бидеме многу внимателни, особено кога станува збор за стабилноста на Западен Балкан – рече Макрон.