Макрон откри зошто не е ентузијаст за паузата на царините на Трамп

Францускиот претседател Емануел Макрон проговори за одлуката на САД за царинските тарифи и изјави дека привременото суспендирање на стапувањето во сила на оваа одлука нема да донесе стабилност на пазарот.

Во изјавата на социјалната мрежа Х, Макрон рече дека привремената 90-дневна пауза во наметнувањето на овие тарифи е сигнал за преговори. Сепак, според Макрон, паузата не ги решава проблемите.

„Царините од 25 проценти за челик, алуминиум и автомобили, како и царините од 10 проценти за сите други производи, продолжуваат да постојат. Тие претставуваат 52 милијарди евра приход за Европската унија. Оваа пауза ќе значи 90 дена неизвесност за сите наши бизниси, од двете страни на Атлантикот“, рече Макрон.

Тој, исто така, истакна дека целта на Европа останува непроменета: „ќе преговараме да ги отстраниме овие нефер царини и да постигнеме избалансиран договор, без асиметрија. Заедно со Европската комисија, ние мора да бидеме силни. Европа мора да продолжи да работи на сите неопходни контрамерки и да ги активира сите достапни алатки за да се заштити и да спречи нарушување на тековите од трети земји од нашиот пазар“.

На крајот, Макрон изјави дека Франција, заедно со сите Европејци, е подготвена да направи се за да ги заштити европските компании и сите економски сектори.

„Франција е подготвена. Европа мора да биде исто така. Да останеме со чиста глава, обединети и решително да ги браниме нашите интереси. Имаме право да се бориме. Работните места и животите на нашите заедници се загрозени“, заклучи францускиот претседател.

Инаку, американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да ги паузира царинските тарифи што ги воведе пред неколку недели за неколку земји, освен Кина, Мексико и Канада.