Францускиот претседател Емануел Макрон во понеделник ги осуди плановите на Израел за интензивирање на воената операција во Газа, пишува Ројтерс.
Макрон ги нарече овие планови „катастрофа што чека да се случи“ и предложи формирање меѓународна коалиција под мандат на Обединетите нации за стабилизирање на Газа.
Минатата недела, израелскиот кабинет за безбедност одобри план за преземање на контролата врз градот Газа, потег што ги прошири воените операции на опустошената палестинска територија и предизвика остри критики дома и во странство.
„Најавата на израелскиот кабинет за проширување на операциите во градот Газа и камповите Маваси и нивно повторно окупирање најавува катастрофа од невидена сериозност што само чека да се случи и е чекор кон бесконечна војна“, рече Макрон во соопштението испратено до новинарите од неговиот кабинет.
Тој додаде дека „израелските заложници и народот на Газа ќе бидат главните жртви на оваа стратегија“ на владата во Тел Авив.
Да потсетиме дека Макрон значително ја промени својата реторика кон израелската агресија врз Газа.
Покрај тоа, тој најави дека Франција ќе ја признае Палестина како независна држава на Генералното собрание на ОН во септември.