Францускиот претседател Емануел Макрон во вторникот рекол дека е време украинските сојузници да се искажат и нагласил дека не е време за кукавици.
„Секако се приближуваме до момент во нашата Европа во кој не е соодветно да се биде кукавица“, им рекол Макрон на француските иселеници кои живеат во Прага.
Макрон се соочил со реакција од многу западни сојузници откако отворено расправал за идејата за праќање на западни сили во Украина на конференцијата за Украина во Париз на 26-ти февруари.
Зборувајќи за руската инвазија на Украина, Макрон во вторникот рекол дека Франција и Чешка и тоа како се свесни дека војната се вратила на Европска површина, дека некои сили кои станале незапирливи секојдневно ја шират својата закана за напад и дека ќе мора да се живее во склад со историјата и храброста која таа ја бара.
Макрон не елаборирал на таа тема.
Коментарите на Макрон изнесени на 26-ти февруари на прес-конференцијата, откако бил домаќин на состанокот на западните лидери со цел зајакнување на поддршката за Украина, се во склад со неговата репутација на дипломат кој сака да руши табуа.
Француските службеници подоцна биле пратени да објаснат дека Макрон сакал да поттикне расправа и дека идеите за кои се расправало вклучувале неборбени сили во улоги како што се заштита на граѓаните или обука на украинските сили.
Се очекува дека во текот на посетата на Прага Макрон исто така ќе разговара за поддршката на плановите кои минатиот месец ги најавила Чешка, со поддршка на Канада, Данска и други, за финансирање на брзо купување на стотина илјади парчиња стреливо од трети земји за праќање во Украина.