Францускиот претседател Емануел Макрон во неделата изјави дека се надева на враќање на мирот „во наредните часови“ во конфликтот меѓу Иран и Израел и повика на продолжување на нуклеарните разговори со Иран.
Израел бомбардираше воени објекти и складишта за гориво во Иран во неделата, на третиот ден од конфликтот меѓу двете земји, а Техеран одговори со ракетни напади.
„Се надевам дека наредните часови ќе донесат смиреност и пат за дискусија, за да се избегне каква било ескалација на нуклеарните капацитети… и да се спречат какви било немири во регионот“, рече Макрон за време на посетата на Гренланд, според „Телеграф“.
Францускиот претседател го повтори својот повик за преговори за нуклеарната програма на Иран, и покрај тековниот конфликт.
„Вчера (сабота) можев да разговарам со претседателот на Иран и побарав што е можно поскоро меѓу нас да разговараме. Ова е исто така она што го пренесов во мојот разговор со (американскиот) претседател Доналд) Трамп, кој ја дели оваа визија“, рече Макрон.
„Ќе имаме можност, во рок од неколку часа, да го разгледаме ова прашање со лидерите на Г7“, кои ќе се состанат од недела до вторник во Канада, додаде тој.
САД и Иран одржаа пет рунди разговори од април, обидувајќи се да најдат пат кон нов нуклеарен договор што би го заменил договорот од 2015 година што Трамп го напушти за време на неговиот прв мандат.
Шестата рунда разговори беше закажана за недела, но земјата домаќин, Оман, во саботата соопшти дека е откажана.