Макрон: Франција е подготвена да ја признае Палестина, но во погоден момент

Францускиот претседател Емануел Макрон по вчерашната средба со германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека е целосно подготвен да ја признае палестинската државност, но дека тоа мора да биде во погоден момент.

„Нема табу за Франција и јас сум целосно подготвен да признаам палестинска држава. Мислам дека ова признание мора да дојде во корисен момент“, рече Макрон.

Тој ја нагласи потребата политичкиот процес да даде корисни резултати и додаде дека нема да прибегнува кон емоционално признавање.

Макрон рече дека нема двојни стандарди во однос на цивилите кои умираат во конфликти во различни делови на светот.

Тој ја опиша ситуацијата во Рафах, град на југот на Појасот Газа, кој е цел на брутални израелски напади, како ужасна.

„Операциите во Рафах мора да запрат“, рече францускиот претседател.

Макрон повтори дека Израел има право да се брани, но истакна дека тоа мора да се направи во согласност со меѓународното и хуманитарното право.

Според Макрон нема безбедно место за палестинските цивили во Појасот Газа.

„Го поддржуваме барањето на Алжир за итен состанок во Обединетите нации и работиме со Алжир и сите наши партнери во Советот за безбедност на заедничка резолуција која ќе одговори на хуманитарната вонредна состојба на теренот и ќе даде одговори во смисла на прекин на огнот и јасен мандат на ОН за Газа“, рече Макрон.

Тој нагласи дека и Франција е подготвена да работи на мирно решение и дека најкорисен потег во моментов би бил прогласување прекин на огнот.

Ирска, Норвешка и Шпанија денеска официјално ја признаа Палестина како држава, а белгиските власти соопштија дека ќе почекаат уште малку.