Во Германија не се зборува само германски јазик. Седум регионални и малцински јазици во земјата се под посебна заштита. Весници, радио и телевизиски емисии, дури и сопствени училишта и образование – признатите национални малцинства во Германија се обидуваат да ги одржат во живот своите разнолики јазици. Во Германија има вкупно четири признати малцинства: данското малцинство, Фризијците, германските Синти и Роми и Лужичките Срби. Тие зборуваат шест малцински јазици. Во Германија под заштита е и регионалниот јазик „платдојч“ (или долногермански/долносаксонски јазик, дијалект од северна Германија).
Дански – коренот е кај Викинзите
Сопствен образовен систем, сопствени црковни заедници и социјални установи – така данското малцинство се обидува да си го одржи во живот својот јазик. Данското малцинство се идентификува главно преку јазикот и традицијата кои се тесно поврзани со матичната држава Данска. Данското малцинство настанало во 1864 година, кога во данско-пруската војна независното кнежевство Шлезвиг припаднало на кралството Прусија. Така данското население во регионот станало малцинство. Прусија подоцна станува дел од новооснованиот германски Рајх. Основите на данскиот јазик се од пред илјада години и влечат потекло од Викинзите.
На крајот на ерата на Викинзите нордиските јазици се развивале независно еден од друг. Данскиот е еден од пет такви јазици, покрај норвешки, шведски, исландски и фарски.
Фризиски – дански и англиски влијанија
Фризиски радиостаници, текстови во локалните весници, апликација за речник и можноста фризиски да се учи од основно образование до факултет – на тој начин Фризијците се залагаат за својот јазик. Покрај заедничката култура и историја, јазикот е важно обележје на нивниот идентитет.
Фризијците веќе со векови живеат долж северното крајбрежје, помеѓу Холандија и данската граница во денешна Германија. Во Германија има три групи Фризијци – северните, кои зборуваат северен фризиски, источните, кои веќе не зборуваат фризиски, туку „платдојч“ и Сатерфризијците, кои со својот јазик ја формираат најмалата јазична група во Европа.
Фризискиот, исто како и англискиот, холандскиот и германскиот, припаѓа во западно-германската јазична група. Англиските и данските влијанија и денес се забележливи, па така „hiir” на фризиски и денес на англиски се вика „hear“, односно во превод „слуша”. Момче на дански се вика „dreng”, а на фризиски „dring“.
Ромски – основата му е во индискиот санскрит
Синтите и Ромите се најголемото национално признато малцинство во Германија. На германофонско подрачје Синтите живеат од 15 век, а Ромите од втората половина на 19 век.
Ромскиот јазик е стар околу 2 илјади години и потекнува од индискиот Санскрит. Затоа и се претпоставува дека Синтите и Ромите емигрирале од Индија. Но, приказната дека тие се „номади“ е расистички стереотип. Причини за миграцијата често биле сиромаштијата, војни или протерувања. Поголемиот дел од нив сепак со столетија имаат пуштено корени на едно место.
Синтите и Ромите својот јазик го одржале со генерации преку усно предание. Јазикот постојано подлежи на промени, постојат бројни дијалекти под регионалните влијанија. За време на нацистите има значителен пад, бидејќи тогаш биле убиени многу возрасни Роми и Синти, па немало кој да ги учи помладите генерации на нивниот јазик. Друга причина за намалувањето на бројот на луѓе кои зборуваат ромски е што мнозинскиот јазик во земјата во која живеат го потиснува малцинскиот. Организации на Синтите и Ромите се борат против ваквите тенденции со помош на литература на ромски јазик, музика, поезија и настава.
Јазикот на Лужичките Срби – западнословенски
Лужичките Срби потекнуваат од словенски племиња од областа североисточно од Карпатите. Тие пред околу 1500 години се дојдени во регионот меѓу Балтичкото Море и Рудна Гора. Тие до денес си ги сочувале носиите, традиционалната музика, празниците и јазикот кој е пред сѐ близок до полскиот, чешкиот и словачкиот.
Нацистите не ги прогонувале целно Лужичките Срби, но имало забрана за зборување на нивниот јазик и за нивните организации. Јазикот на Лужичките Срби денес сѐ повеќе е потиснат од германскиот. Со двојазични градинки и училишта, потоа литургии, библии, телевизиски и радио емисии на мајчин јазик, настава на мајчин јазик и двојазични табли, малцинството се обидува да го одржи јазикот и неговата употреба.
„Платдојч“, дијалект од северот – јазик на морепловците
„Платдојч“, или дијалектот од северот, бил јазикот на морепловците. Здружението на трговците морепловци го користел овој јазик за меѓусебните договори. Од 1230 до 1600 година сите трговци во северна Германија, на крајбрежјето на Балтичко и Северно Море, меѓу Лондон, Берген и Новгород, со своите трговски партнери зборувале платдојч.
Денес јазикот се користи пред сѐ во семејството, меѓу пријатели и познати. Регионално постојат јазични разлики. Во регионот каде што се зборува платдојч, активно со јазикот се служат 16% од населението, а посебно е распространета употребата меѓу постарите генерации и во руралните средини.
Јазикот се предава на училиште и во градинките се играат игри и се учат песнички на платдојч и така тој се пренесува и на следните генерации. Јазикот се зема предвид при едуцирањето на наставен кадар, а на повеќе универзитети има научноистражувачки проекти поврзани со платдојч.