Мамдани собори рекорд: Муслимански имигрант освои најмногу гласови во историјата на прелиминарните избори во Њујорк
Кандидатот на демократите за градоначалник на Њујорк, Зохран Мамдани, освои најмногу гласови на внатрешните демократски избори во историјата на Њујорк, според соопштението од локалниот изборен одбор.
Мамдани доби вкупно 565.639 гласови, откако беа објавени целосните резултати од изборите.
Тука вреди да се истакне дека Демократската партија во Њујорк го користи таканареченото „рангирано гласање по избор“, систем според кој гласачите ги рангираат кандидатите според редни броеви.
Доколку ниту едно лице нема повеќе од 50 проценти од гласовите во првиот круг, кандидатот со најмал број гласови е елиминиран, а тие гласачки ливчиња сега му се доделуваат на лицето кое било второ рангирано, и така натаму сè додека еден кандидат не добие најмалку 50 проценти поддршка.
Мамдани победи на демократските прелиминарни избори по три круга, а бројот на гласови, кога се вклучија и листите каде што беше рангиран на второ или трето место, го сруши рекордот.
Претходниот рекорд беше поставен во 1989 година, кога Дејвид Динкинс освои 547.000 гласови на прелиминарните избори.
Пред четири години, Ерик Адамс, тогашниот кандидат на демократите и актуелен градоначалник на Њујорк, победи само во последниот круг, освојувајќи 404.000 гласови, од кои 50.000 беа „превртени“ со користење на системот на гласање со рангиран избор.
Инаку, изборите за градоначалник на Њујорк се одржуваат во ноември оваа година. Мамдани ќе се бори за функцијата градоначалник против Адамс, кој се кандидира како независен кандидат, и против Куртис Силва, кандидатот на Републиканската партија.
Мамдани има можност да стане првиот муслимански имигрант кој ќе биде градоначалник на Њујорк. Роден е во Уганда и се преселил во САД во 1998 година. Моментално е член на Претставничкиот дом на државата Њујорк.