Манев: Прашајте го Палевски зошто ја уби Вања, само тој го знаеше планот за откуп

Второобвинетиот Велибор Манев, денеска на судското рочиште за убиствата на Панче и Вања, одговара на прашања на другите обвинети.

Александар Ѓорчевски: Што се случи, зошто ми го убивте детето?

Манев: На тоа прашање не можам да одговорам, тоа треба да го прашате Палевски, тој го изврши…

Бојан Манев, адвокат на Боре Видевски го испрашуваше Велибор Манев.

„Девојчето беше врзано кога беше убиено“, рече Манев.

Бојан Манев: Каде се наоѓаше тегот во земуницата? Во доказите нема тег…

Велибор Манев: Пуштен беше доле, јас носев синџир да го врзам Панче. Можеби тегот не е изваден од земуницата

Бојан Манев: Што направивте со синџирот?

Велибор Манев: Го вратив дома, кај мене е.

Потоа беше испрашуван од адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на Александар, таткото на Вања.

Туфегџиќ: Рековте дека во 2022 сте ја ископале дупката со цел таму да држите грабнати луѓе. И почнавте да правите планови за грабнување луѓе. Кога точно во 2022 и 2023 донесовте одлука да извршите грабнување на личноста од зградата од која е грабнато детето Вања?

Манев: Еден месец пред настанот

Манев потоа повтори дека Палевски ја следел личноста десетина дена. Потоа Туфегџиќ побара да ја опише жената која Палевски му ја покажувал на фотографии.

„Првата слика беше како излегува жената од влезот на зградата и се спушта по скалите. Втората слика беше како се движи по тротоарот на улицата Наум Наумовски Борче што оди кон Партизанска. И фотографија на паркинг – рече Манев.

Туфегџиќ: Кога за првпат видовте дека сте грабнале дете, а не лице од 40 години?

Манев: Кога ја откопчавме вреќата за Палевски да слика и да прати слика на фамилијата.

Манев рече дека никој од останатите немал мобилен телефон, туку само радио станици, и кажа дека неговиот мобилен телефон го оставил дома, во Велес.

„После убиството јас бев надвор од себе. Дојдовме до седиштето на партијата, и сакав само побрзо да си заминам. После убиството, вечерта на 27 ноември 2023 година беше последното мое одење во партија. Однесов 14 тегли мед за пријател кој требаше да ги подигне од партијата. Немав контакт со никого, ни со Боре, ни со Влатко. Првиот контакт после тоа беше на 30.11.2023 година кога ми се јави Палевски за да ми каже дека ќе заминувал за Москва, па после 15 минути се прејави да ми каже дека заминува во Турција. Тоа е целиот контакт со Палевски“, вели Манев.

„На Палевски беше планот да се јавува за пари за откуп. Јас не знаев ништо околу тоа“, рече Манев.