Манчестер Сити цврсто чекори кон титулата, а Халанд испиша историја! Норвежанецот сруши голем рекорд за кој се мислеше дека никогаш никој нема да успее да го собори

Ерлинг Халанд постигна гол во вчерашната победата на Манчестер Сити над Вест Хем за да го собори рекордот на Алан Ширер и Енди Кол кој стоеше со години!

Манчестер Сити не остава ништо на случајноста! Откако го совладаа Арсенал и победија со 4:1 во директна борба за првото место во Премиер Лигата, фудбалерите на Пеп Гвардиола го совладаа Вест Хем со убедливи 3:0 и со тоа направија уште еден голем чекор кон шампионската титула.

Првиот гол на натпреварот го постигна Нејтан Аке во 50. минута, а потоа во 70. минута видовме историја. Неверојатниот Ерлинг Халанд го постигна вториот гол на натпреварот за да го собори рекордот во Премиер Лигата кој со децении го држеше Алан Ширер. Кога ја упати топката со глава над Лукас Фабијански, го постигна својот 35-ти гол и на пет натпревари до крајот го собори рекордот по бројот на постигнати голови во една сезона во Премиер Лигата.

Досега рекордот го држеа Алан Ширер и Ентони Кол кои имаат постигнато по 34 гола во една сезона, а следниот гол на Ерлинг Халанд е јубилејниот 40-ти гол во лигата. Апсолутниот рекорд во англиската прва лига го држи поранешниот фудбалер на Евертон, Дикси Дин, кој пред речиси еден век во сезоната 1927/1928 постигнал дури 60 гола.

Работата за „граѓаните“ ја заврши Фил Фоден, кој влезе од клупата и во 85. минута постигна гол за конечни 3:0. Со оваа победа Манчестер Сити стигна до 79 бода, бод повеќе од Арсенал, но со одигран натпревар помалку. До крајот на сезоната, освен титулата во Премиер Лигата, Манчестер Сити го брка и трофејот во Лигата на шампионите и во полуфиналето од тоа натпреварување ќе се сретне со Реал Мадрид. Исто така, „граѓаните“ се уште играат во ФА Купот каде во финалето ќе се сретнат со градскиот ривал Манчестер Јунајтед.