Маричиќ: Овој е последниот моментум што треба да го фатиме

Мислам дека овој е последниот моментум што треба да го фатиме, бидејќи се плашам дека луѓето на Западен Балкан ќе престанат да се грижат за тоа што Европската Унија, мисли, вели или прави, порача меѓу другото заменик-претседателот на Владата на Северна Македонија Бојан Маричиќ за време на неговото учество на панел диксусијата во Атина за ЕУ перспективата на Западен Балкан, истакнувајќи дека членството во 2030 година е реална цел, но и треба да биде мотивација, јави дописничката на МИА од Атина.

Вицепремиерот говореше за визијата, лидерството и напорната работа, кои неодамна ги спомена претседателката на Европската Комисија, истакна дека Западен Балкан е опкружен со земји членки на Европската унија и земјите од регионот не се далечни земји, кои бараат членство, а како споредба посочи дека популација на државите кандидати е 18 милиони што не го надминува бројот на жители на Романија.

Се потсети на 2017 година кога за првпат заедно со тогашниот премиер Зоран Заев биле во посета на Брисел и ги слушнале пораките дека „сега е моментумот за решавање на проблемот со името“, како и за моментумот за почеток на преговорите, но и за реформите кои во следните години беа спроведени, но следеше ново одложување, што  како  што  рече. „уби голем дел од ентузијазмот на луѓето во земјата“. 

-Тоа беше моментот кога се отвори вратата за некои земји- членки да го убијат моментумот и да отворат билатерални прашања. Знаете во Северна Македонија колку падна јавната поддршка за ЕУ од крајот на 2019 година, односно почетокот на 2020 година до лани? Околу 20 проценти. Од 80 на 60 отсто. Затоа, мислам дека сега е последниот моментум што треба да го фатиме, бидејќи се плашам дека луѓето на Западен Балкан ќе престанат да се грижат за тоа што Европската Унија, мисли, вели  или прави, истакна Маричиќ.

Посочи дека на регионот му е потребен конкретен датум и реален план, а 2030 година е реална цел, бидејќи Унијата веќе има искуство со големо проширување.

Истакна дека патот кон ЕУ треба да биде мотивација, а во 2030 година да има двојна успешна приказна.

-Успешна приказна за Западен Балкан, дека конечно ја завршивме нашата транзиција и успешна приказна за Европската Унија, дека Европската Унија е проширена со овие земји членки, порача вицепремиерот.

Маричиќ учествуваше на панелот насловен: „Нов моментум за проширување: Како може Западен Балкан не ја пропушти можноста?“, а негови соговорници беа Мирослав Гачевиќ, помошник министер, Сектор за политички и економски критериуми во процесот на пристапување во Европската унија, Република Србија Одета Барбулуши, советник на премиерот и национален Координатор за регионална економска област, Република Албанија, Јована Маровиќ, поранешен вицепремиер и министер за Европски прашања, Република Црна Гора и Срѓан Мајсторовиќ, Центар за европска политика (ЦЕП), Република Србија, а под модераторство на Симонида Кацарска, директорка на Институт за европска политика (ЕПИ).

Денешната меѓународна конференција во Атина беше посветена на ЕУ перспективата на Западен Балкан, ја организираше грчката фондација за надворешна политика ЕЛИАМЕП, а на почетокот поздравен говор упати министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетрити