– Извештајот за напредокот на земјата во 2022 година е објективен приказ на државата и одржливост на реформите, а ги нотира и областите каде што треба повеќе да се работи, порача вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ од собраниската говорница за време расправата по документот во Собранието, што започна денеска откако претходно поминаа дебатите во парламентарните тела.
Маричиќ посочи дека земјата е на средина од скринингот со ЕУ и оти Собранието е најсоодветното место за дебати за Унијата.
Според вицепремиерот државата не назадува, има стабилен континуитет и оди напред. Тој се осврна на одредени наоди од Извештајот, но исто така информираше дека наскоро треба да ги добиеме извештаите од скринингот од првиот и вториот кластер, како и дека ќе треба да се подготват акциски планови за работа. Маричиќ им најави на пратениците од различните политички опции дека наскоро ќе добијат покани да номинираат експерти за три патокази.
Како ќе се одвиваат реформите и нивната динамика, истакна Маричиќ, зависи од самите нас. Тој апелираше до сите пратеници да имаат предвид дека усвојувањето на овие патокази е од исклучителна важност за сликата за нас пред ЕУ, но и пред граѓаните.
Маричиќ побара од пратениците Собранието да биде форум на патот кон ЕУ со приоритет на реформите, вклучувајќи ги и уставните измени. Тој ги повика пратениците да постапат одговорно и партиските работи ќе ги остават настрана а се што поврзано со ЕУ да го спроведат заеднички.
Пратеничката Лидија Петковска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Извештајот за земјата е негативен и дека има многу повеќе ниски, отколку повисоки оценки. ВМРО-ДПМНЕ, потенцира таа, е за европеизација, додека за ЕУ не се оние што се занимаваат со криминал.