Маричиќ: Со неизгласувањето на уставните измени ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира целиот регион

– ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира целиот регион со оваа одлука, мислам дека политичката игра ја засенува содржината на уставните измени. Ние имаме неспорни уставни измени кои што беа издискутирани многу пати, напишани од експертска група. Никој не кажа, па дури ни ВМРО-ДПМНЕ, што е спорно во содржината на уставните измени, рече вечерва вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за „360 степени“.

Тој додаде дека постои сценарио поради неизгласувањето на уставните измени, Северна Македонија и Албанија да не го продолжат патот кон ЕУ, додека пак во декември се очекува одлука за Украина и Молдавија да ги започнат преговорите.

За уставните измени, како што рече, се разговара со секој пратеник поединечно и со сите партнери кои и мислат добро на државата и кои веруваат дека ова е единствена шанса која треба да ја искористиме во наредниот период. 

Логичниот рок да се случи тоа, како што рече, е до крајот на годината бидејќи тогаш завршува и скринингот и тогаш би требало да се носат одлуките.

Во спротивно, според него, ќе влеземе во подолгорочна криза  и наместо политичарите повторно граѓаните ќе треба да носат тешки одлуки.  Доколку не се случат уставните измени, според него, тема на изборите ќе биде дали сакаме да влеземе во ЕУ или не.

Според него, актуелната геополитичка ситуација ја натера ЕУ да размислува постратешки за нови членки, поради што е реално да се очекува до 2030 да има некаков вид на проширување.

-Убеден сум дека до 2030 ќе има нови членки. Знаете дека се зборува за реформи на ЕУ за начин како ќе функционира со поголем број на држави членки, но за се има решение и аналитичарите и правниците и оние кои го познаваат политичкиот систем на ЕУ знаат и свесни се дека е возможно со извесни мали корекции во системот да се овозможи влез на нови членки, посочи Маричиќ. 

Убеден е, како што рече,„ дека постои комуникација на ВМРО-ДПМНЕ со политички структури во Бугарија и други држави од регионот“, а која е целта на таа комуникација вели  „да објаснат самите“.  Тоа, според него, е во насока на подгревање на атмосферата во двете држави. 

Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, според него,  поставуваат нереални услови  и немаат план за решавање на ова прашање.

– И затоа нашата грижа е дека ќе не внесат во долгогодишна блокада на штета на државата, рече Маричиќ. 

Според Маричиќ, единствена причина зошто се донесени измените на Кривичниот законик е за да се зајакнат инструментите на конфискација, а на јавноста останува да одлучи дали ќе верува или не во нивните објаснувања.

-Ние не можеме да го менуваме исказот само затоа што некој друг има сомнеж. Од прв момент до денес намерата е иста, измените се правени во Министерството за правда, земени се и дискутирани и со дел од експертите. Има постојана група за Кривичниот законик која работи повеќе години во Министерството и подготвува нов законик. Мислам дека е логично и во наредниот период да понудат комплетно нов Кривичен законик, не само со овие измени бидејки има работи што треба да се усогласуваат, наведува Маричиќ. 

Тој рече и дека претставници на Холандија реагирале за измените во Кривичниот законик, а забелешките биле изнесени по завршувањето на процедурата во Парламентот. 

Сепак не очекува ако поминат уставните измени, оваа држава да биде пречка во натамошниот процес на пристапување на државава во ЕУ.   

-Не, не очекуваме. Мислам дека нема отворено прашање или проблем кое не можеме да го решиме во текот на преговарачкиот процес, сега е моментот. Имаме и холандски експерт кој работи на патоказот за владеење на право, заедно со нашиот тим, рече Маричиќ.

Тој тврди дека не постои оска на соработка помеѓу СДСМ, ДУИ и Никола Груевски, како што обвинува опозицијата и дека, како што вели „единствено што ВМРО-ДПМНЕ сака да направи со овие обвинувања е да се обиде да го прикрие внатрешниот судир кој го имаат актуелниот и поранешниот претседател на партијата“.

-Мене ми делува дека судирот е сериозен, ние знаеме подолго време дека има поделба во ВМРО-ДПМНЕ. Немаме дилема дека по повеќе основи има судири во ВМРО-ДПМНЕ. Една е борба за превласт, а од друга страна, има повеќе линии на кои се разликуваат, меѓу кои една е за уставните измени,  вели вицепремиерот за европски прашања. 

Тој во интервјуто се осврна на уесбето со материјали што го сподели во тек на интервју исто така за 360 степени потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски за наводен договор помеѓу СДСМ–ДУИ и поранешниот премиер Никола Груевски

Според Маричиќ, „театарот што го прави ВМРО-ДПМНЕ околу овој случај не може да го покрие нивното долгогодишно учество во разговорите на оваа тема, а материјалите кои ги приложил  Николоски, со некакви наводи дека измените на Кривичниот законик се своевиден договор помеѓу Груевски и власта, се смешни бидејќи кој било може да седне и да го напише тоа.

Маричиќ вели дека моментот во кој ВМРО-ДПМНЕ ги вади материјалите од уесбе за наводен договор помеѓу СДСМ–ДУИ и  Груевски, обидувајќи се да направат театар со ексклузивни информации, е смешен бидејќи опозициската партија уште во 2019 и 2020 година презентирала слични материјали.

-Такви материјали има бројни, може секој да го направи тоа, тоа е еден вид анализа на делови од Кривичниот законик со предлози и такви слични материјали презентираше ВМРО-ДПМНЕ уште во 2019 или 2020 година кога се разговараше за Законот за Јавно обвинителство. Вчера слушнавме од Мицкоски дека го пензионирале Специјалното јавно обвинителство (СЈО), се сеќавате дека тогаш имавме тешки разговори со нив околу тој Закон и дискусијата за Кривичниот законик тогаш тие ја отворија, рече Маричиќ.

Дополнува дека тој лично не знае од кого е испратено уесбето, но додава дека е сигурен оти внатре во ВМРО-ДПМНЕ има многу уесбеа од Никола Груевски.

Според вицепремиерот, кај опозициската партија нема конзистентност за објаснувањето на нивната улога во целиот тој процес, односно, како што вели, самите се разоткриваат дека целта им била неказнивост, а најголем доказ за тоа е вчерашниот говор на Мицкоски со кој првпат висок претставник од ВМРО-ДПМНЕ јавно кажал дека целта на партијата била да го пензионира СЈО.