Маричиќ: Со Планот за раст ќе се почувствуваат придобивките на економскиот развој на патот кон ЕУ, во Тирана договорени неколку конкретни мерки
– Целта на спроведувањето на Планот за раст и Развој на заедничкиот регионален пазар е граѓаните да ги почувствуваат придобивките со социо-економскиот развој на регионот на патот кон ЕУ, се до полноправното членство на Северна Македонија, наведе на својата Фејсбук страница првиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, кој присуствува на регионалниот состанок за европска интеграција во Тирана.
Информира дека во фокусот на регионалниот состанок во Тирана се соработката на земјите од Западен Балкан и спроведувањето на Планот за раст и развој на Заедничкиот регионален пазар.
-Определувањето на конкретни мерки и приоритетни акции за вклучувањето на економиите во единствениот пазар на ЕУ значат забрзана интеграција на Западен Балкан и значително зголемен социо-економски развој на регионот, напиша Маричиќ.
Додава дека поддршката и соработката со претставниците од Европската комисија, комесарот за соседска политика и проширување на ЕУ, Оливер Вархеји, претставниците на меѓународните финансиски институции, нашите стратешки партнери и пријатели се дополнителна мотивација за имплементација на Планот за раст за Западен Балкан.
Маричиќ кажа дека на состанокот се договорени неколки конкретни мерки – учество во единствената платежна зона на ЕУ позната како СЕПА, што значи олеснето и поефтино плаќање на производи и услуги меѓу ЕУ и Западен Балкан, соопшти СЕП.
-Oва е особено важно за нашата дијаспора која редовно праќа средства дома. Мерката ќе се спроведе до крајот на годината. Друга конкретна мерка се Зелените ленти на граничните премини за возила кои носат производи од Западен Балкан. Целта е да се намали времето на чекање, а да се зголеми трговијата, а со тоа и економскиот развој, информира Маричиќ.
Додава дека следна мерка е WIFI за Западен Балкан, кој ќе овозможи бесплатен Интернет пристап за граѓаните во јавните простори и објекти во 500 општини од целиот регион на Западен Балкан.
-Оваа обврска ја превземавме исто така до крајот на годинава, со финансиска помош од ЕУ, истакна тој, додавајќи дека мерката за пристап до Европската мрежа на центри за дигитални иновации, ќе овозможи забрзана дигитална транзиција на малите и средни претпријатија, стартапи и јавниот сектор во земјите од Западен Балкан.
Последната мерка, нагласува Маричиќ, е вклучувањето на нашата фармацевтска индустрија и граѓанското општество во Системот за обезбедување на неопходни лекови на Европската Унија.
-Ние ќе го испорачаме неопходното од наша страна. Тоа е наша обврска кон сопствениот народ. Тоа е брзиот пат за постигнување на нашата стратешка цел – полноправно членство во ЕУ. До 2028 можеме да ги затвориме поглавјата од преговорите, секако, откако ќе ги завршиме уставните измени. А тоа ќе значи наше полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година. МК во ЕУ до 2030 – тоа е реално и остварливо!, наведува Маричиќ.
Лидерите на Западен Балкан денеска во Тирана се на самит посветен на европската интеграција на регионот и спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан.
На самитот присуствуваат премиерот на Северна Македонија, Талат Џафери, претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кристо и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Како што јави агенцијата Бета, на самитот не се присутни лидерите на Црна Гора и Косово кои вчера учествуваа на Самитот Украина-Југоисточна Европа во Тирана. Албанската телевизија ABC News објави дека претставниците на Косово и Црна Гора нема да бидат физички присутни и дека косовскиот премиер Албин Курти испратил видео порака до собирот.
На самитот учествуваат и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и генералниот секретар на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу.
Самитот е посветен на Планот за раст на Западен Балкан, кој предвидува финансиска поддршка од шест милијарди евра, од кои две милијарди се неповратни грантови, а четири милијарди се поволни заеми обезбедени од ЕУ. Целта е да се поттикне економскиот раст на регионот и да се забрза социоекономската хармонизација.
Планот, усвоен од Европската комисија во ноември, го опфаќа периодот од 2024 до 2027 година и предвидува секоја влада од Западен Балкан да добива одредена сума пари на секои шест месеци, во зависност од реформите што ги има спроведено во тој период.