Масар Омерагиќ од денеска нов претседател на ФФМ

Поранешниот фудбалер на Слога Југомагнат, Балкан, Вардар… освојувач на шампионски трофеи од домашното првенство, а долгогодишен стопанственик и фудбалски работник по крајот на играчката кариера, Масар Омерагиќ денеска и официјално ја презема претседателската функција на Фудбалската федерација на Македонија.

Денеска на Вонредното Изборно собранието на ФФМ од 11 часот во хотелот „Хилтон“ во Скопје, Масар Омерагиќ ќе биде избран како седми претседател на Фудбалската федерација на Македонија, по нејзиното самостојно функционирање од 1992 година.

По повлекувањето на досегашниот прв човек на федерацијата, Муамед Сејдини, а по одржаните собранија на општинските фудбалски сојузи, и Комисијата за избори и верификација на ФФМ, по предлог на Општинскиот сојуз на Свети Николе, официјално потврди дека Масар Омерагиќ е единствен кандидат за претседател на ФФМ. Предлогот на Комисијата за избори и верификација го подржаа најголем број општински сојузи на ФФМ, па актуелните членови на Собранието на ФФМ, денеска ќе го официјализираат новиот прв човек на ФФМ, се до редовното собрание кое треба да се одржи во април следната година. До тогаш сите 26 општински фудбалски сојузи ќе мора да одржат изборни собранија, да изберат нови делагати за редовното Собрание на ФФМ, со предлози и за свој претставник за нов Управен одбор по што од Собранието од следната година ќе биде избран и новиот управен одбор на ФФМ.

Масар Омерагиќ ќе биде само трет претседател на самостојната Фудбалска федерација на Македонија, почнувајќи од 1992 година до денес, со успешна фудбалска кариера зад себе, а вкупно четврти во историјата на Фудбалскиот сојуз на Македонија (од 2003 година – Фудбалска федерација на Македонија) почнувајќи од 1948 година и првиот фудбалски сојуз.

Во својата независност по основањето на самостојниот Фудбалски сојуз на Македонија, досега Македонија имала шест претседатели на ФФМ, Алексо Кипровски (1992-1993), Љубисав Иванов – Ѕинго (1993-1999), Ламбе Арнаудов (1999-2002), Харалампие Хаџи-Ристески (2002-2012), Илчо Ѓорѓиоски (2012-2018) и Муамед Сејдини (2018-2024).

По крајот на играчката кариера се вклучи активно во менаџерските фудбалски води, и како член на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија во периодот од 2002 до 2006 година кога прв човек на федерацијата беше Харалампие Хаџи-Ристески. Поради несогласување со начинот на кој се води македонскиот фудбал во тој период го напушти управниот одбор, за да сега е пред промоција на претседателската функција во ФФМ.