Маск: Доколку Твитер не ги почитува локалните закони, пристапот може да биде прекинат

– Ако Твитер не ги почитува локалните закони, тогаш пристапот до платформата на тоа место може да биде прекинат, изјави сопственикот Илон Маск.

Прашан да одговори на скорешните коментари на коосновачот на Твитер, Џек Дорси, Маск за новинарите во Њујорк доцна синоќа изјави дека Твитер нема друг избор освен да ги почитува локалните власти.

Дорси неодамна рече дека Индија се заканува дека ќе ја затвори платформата доколку не ги исполни наложувањата за ограничување на профилите кои го критикуваат начинот на кој Владата на премиерот Нарендра Моди се справила со протестите на фармерите во 2021 година.

Отфрлајќи ги тврдењата на Дорси, индискиот заменик-министер за информатичка технологија Раџив Чандрасехар ги нарече „чиста лага“.

„Ако не ги почитуваме законите на локалната власт, тогаш ќе бидеме затворени. Така, најдобро што можеме да направиме е да работиме придржувајќи се до законите во која било земја“, рече Маск, предупредувајќи дека ако не се направи тоа, „ќе бидеме блокирани или уапсени“.

Нагласувајќи дека „не може да се примени Америка“ на целиот свет, Маск додаде: „Ќе дадеме сѐ од себе да обезбедиме најслободен говор што е можно согласно со законот.“

Претходно Маск се сретна со индискиот премиер Нарендра Моди, кој е во Соединетите Американски Држави (САД) во својата прва државна посета.

Маск, кој истовремено е и извршен директор на компанијата „Тесла“, рече дека Моди го притиска производителот на електрични автомобили за реализација на значителни инвестиции во Индија. Прашан дали „Тесла“ ќе влезе на индискиот пазар, тој рече дека планира да ја посети Индија следната година.

„Мислам дека Тесла ќе биде во Индија и ќе го стори тоа што е можно поскоро. Би сакал да му се заблагодарам на премиерот за неговата поддршка и се надевам дека ќе можеме да објавиме нешто во не толку далечна иднина“, рече Маск.

Маск на социјалните мрежи го пофали Моди, велејќи дека индискиот премиер „навистина се грижи за Индија“ и „нè турка да направиме значителни инвестиции во Индија, што е нешто што имаме намера да го сториме“.

Утринава, индиското Министерство за надворешни работи соопшти дека за време на состанокот Моди го поканил Маск да ги истражи „можностите во Индија за инвестирање во електричната мобилност и брзо проширување на комерцијалниот вселенски сектор“.

Моди пристигна во САД вчера во државна посета на покана на американскиот претседател Џо Бајден.

Во мај, Твитер се повлече од доброволниот код на ЕУ против дезинформации, но во интервјуто во понеделникот Маск рече дека Твитер ќе ги почитува законите на ЕУ за борба против дезинформациите и говорот на омраза.

Откако ја купи компанијата минатата година, периодот на Маск како шеф на Твитер е обележан со контроверзии за олабавување на заштитата од дезинформации и навредлив говор, како и за остриот пад на вредноста на компанијата од околу 40 отсто.