Маск ја тужеше ЕУ: Одлучи да преземе остри мерки

Компанијата Тесла, чиј сопственик е Илон Маск, поднела тужба против Европската унија пред судот во Луксембург поради воведување тарифи за електричните возила произведени во Кина, пренесува Политико повикувајќи се на извори.

Според бриселскиот портал, слични тужби претходно поднеле три кинески производители на електрични автомобили.

Европската комисија има рок од два месеци и 10 дена да ја подготви својата одбрана.

Иако Tesla е американска компанија, повеќето од нејзините автомобили наменети за европскиот пазар се произведуваат во Кина, како и батериите кои се произведуваат во кинеските фабрики.  

Тужбата е поднесена и покрај тоа што Tesla, по истрагата на Европската комисија и теренските инспекции, доби најниска тарифа од 8 отсто, додека кинескиот партнер на германскиот Volkswagen, SAIC, се соочи со тарифа од 35 отсто.  

Европската комисија соопшти дека едногодишната истрага открила значителни кинески владини субвенции кои и помогнале на кинеската индустрија за електрични возила да стане глобален лидер.  

Во меѓувреме, преговорите меѓу ЕУ, производителите на автомобили и кинеската влада продолжуваат.

Потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчовиќ, рече дека Комисијата останува на своите позиции, но е отворена за изнаоѓање компромисно решение.