Свештеникот Роман Курач, кој служи во Украинската грчкокатоличка црква, мораше јавно да се извини откако неговите зборови предизвикаа интервенција на некои украински новинари.
За време на неделната молитва, свештеникот побара од Бога да направи чудо и да ги обедини овие големи народи: Украина и Русија. Тој, исто така, го молеше Господа да ги натера Русите и Украинците да престанат да се истребуваат и убиваат едни со други и да им помогне да го изградат небесното царство овде на Земјата, за на крајот заедно да се вознесат на небото.
Овие зборови не и се допаднаа на локалната новинарка Дарија Сипигина, која прва објави видеа од проповедта, заедно со објава на Фејсбук во која зборовите на Курач ги опиша како шокантни.
– Како е тоа дури и можно по една и пол година конфликт – праша таа во својот пост, обвинувајќи ја грчко-католичката црква Ужхород дека нема почит кон оние кои ја бранат украинската земја и умираат за неа.
Новинарката признала дека не ја слушала целата проповед, туку зборовите за мирот ги слушнала преку говорниците во локалната катедрала поминувајќи покрај неа.
Таа тврдеше дека се соочила со свештеникот по проповедта, но Курач и’ рекол дека нема да престане да ги благословува Русите дури и ако неговиот брат, кој моментално е на фронтот, биде убиен во конфликтот.
Новинарката се пожали и дека десетици луѓе немо ја слушале проповедта и никој не реагирал на овие зборови.
Сепак, многумина коментатори на нејзината објава на Фејсбук застанаа на страната на свештеникот, тврдејќи дека нема ништо лошо во повиците за мир и обвинувајќи ја самата Сипигина дека се обидела да предизвика скандал.
Украинските медиуми продолжија нашироко да ја пренесуваат проповедта на свештеникот, нарекувајќи ја ситуацијата скандал.
Курач потоа мораше да го објасни својот избор на зборови и да се извини во интервју за локалните медиуми.
– Опасно е да се кажуваат такви работи за време на војната – рече тој во понеделникот, додавајќи дека тоа е грешка.
Тој, исто така, го опиша својот повик за мир како спонтан. Свештеникот тогаш рече дека го имал на ум примерот на Европа кога повикал на мир меѓу Русија и Украина.
– Се водев од фактот дека додека студирав во Европа видов луѓе кои со векови водеа војни едни против други: Англија, Франција, Германија и други. Бог им го дал… духот на единството, љубовта и простувањето – објасни тој, додавајќи дека Бог може да ги собере сите народи.