МВР со предупредувања за лажни „финансиски советници“: Граѓаните да внимаваат

Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека е забележана зголемена активност на измамници, кои преку социјалните мрежи се претставуваат како „финансиски советници“ и најчесто нудат услуги за тргување со криптовалути.

Според МВР, овие лица се рекламираат со лажни профили или спонзорирани реклами, честопати ветувајќи висок и брз профит, со што успеваат да привлечат жртви кои бараат начин да инвестираат.

„По воспоставувањето контакт преку социјалните медиуми, измамниците комуницираат со жртвите преку телефонски повици, користејќи VOIP броеви кои обично изгледаат како локални броеви за да добијат доверба. За време на разговорот, тие ги убедуваат жртвите да инсталираат софтвер за далечински пристап, тврдејќи дека им е потребен за да им помогне да ја постават платформата за тргување“.

„Откако ќе добијат далечински пристап до компјутерот или мобилниот уред на жртвата, измамниците пристапуваат до електронско банкарство и префрлаат средства од банкарските сметки на жртвите. Во многу случаи, жртвите остануваат без пари, пред да сфатат дека се измамени и штетите се значителни“.

„Одделението за компјутерски криминал ги советува граѓаните да бидат крајно внимателни при комуникација со непознати лица кои нудат финансиски совети преку Интернет. Никогаш не инсталирајте софтвер за далечински пристап на барање на странци и пазете се од повици од непознати или сомнителни телефонски броеви. Во случај на сомневање за измама, веднаш контактирајте ја вашата банка и пријавете го случајот во МВР“, велат од МВР.