– Расмус Хојлунд конечно ги покажува голгетерските квалитети кои го донесоа во Манчестер Јунајтед. Данецот забележа пет гола во шест натпревари во групната фаза на Лигата на шампионите, но мораше да почека 14 натпревари за да го постигне својот прв гол во Премиер лигата.
Во последните недели тој беше еден од најефикасните напаѓачи во лигата откако постигна пет гола на пет натпревари.
Искусниот дефанзивец на Манчестер Јунајтед, Хари Мегваер, изјави дека сите во тимот се убедени дека Хојлунд ќе биде успешен бидејќи на тренинзите гледаат колку талент тој поседува.
– Тој ќе биде голем играч за овој клуб. Сигурен сум дека претстојат уште многу голови за него. Делува толку зрело за неговата возраст. Тој мораше да носи многу тежина на рамениците кога дојде – да биде главен напаѓач за Манчестер Јунајтед. Мораше да играј на секој натпревар поради повредите што ги имавме. Но, знаевме дека ќе биде успешен бидејќи на тренинзите можевме да ја видиме работата што ја врши, талентот што го има и физичката подготвеност да игра во Премиер лигата, рече Мегваер, цитиран од англиските медиуми.