Медведев: „Војната може брзо да се заврши или преку мировен договор или со нуклеарно оружје“

 – Секоја војна може брзо да се заврши или со потпишување мировен договор или со употреба на нуклеарно оружје, изјави денес заменик-шефот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев.

Во интервјуто за руската државна новинска агенција ТАСС, Медведев рече дека Јапонија капитулирала откако Соединетите Американски Држави (САД) фрлиле нуклеарни бомби врз градовите Хирошима и Нагасаки.

„Генерално, секоја војна, дури и светска војна, може да се заврши многу брзо. Или ако се потпише мировен договор или ако го направите тоа што го направија Американците во 1945 година, кога го употребија своето нуклеарно оружје и бомбардираа два јапонски града Хирошима и Нагасаки. Тие (јапонската армија), тогаш ја намалија воената кампања. Цената е животот на речиси 300.000 цивили“, рече тој.

Што се однесува до руската „специјална воена операција“ во Украина, таа ќе биде завршена за неколку дена доколку НАТО престане да го снабдува Киев со оружје, тврди официјалниот претставник.

„Доколку НАТО, САД и нивните вазали престанат да ѝ испорачуваат оружје и средства за уништување на Украина, тогаш специјалната воена операција би била завршена за само неколку месеци, а ако сега престанат да ја снабдуваат со своето оружје, тогаш нивната воена операција ќе биде завршена за неколку дена“, рече тој.

Медведев, кој беше руски претседател од 2008 до 2012 година, ја пофали и руската армија, нарекувајќи ја „херојска“.