Медведев: Украина ќе исчезне бидејќи никому не му е потребна

– Украина ќе исчезне бидејќи никому не му е потребна, изјави денес Дмитриј Медведев, заменик-шеф на рускиот Совет за безбедност.

Медведев на руската социјална мрежа VK порача дека на „Европа не ѝ е потребна Украина бидејќи веќе доживува финансиски и политички пекол предизвикан од поддршката на Киев“.

Според неговите зборови, приливот на украински бегалци, растечката инфлација, „колосалните“ сметки за греење и струја, гасењето на работните места и неисплатливите руски санкции доведоа до незадоволство во западна и источна Европа.

Тој рече и дека Полска периодично „ја испитува идејата“ за анексија на западните региони на Украина, пуштајќи релевантни информации во медиумите и анализирајќи ја реакцијата на таквата можност.

Медведев тврди дека Украина „не им е потребна“ ниту на САД.

„Додека некои американски политичари ја користат Украина поради јавноста, обичните Американци не разбираат зошто нивната влада се занимава со Украина и испраќа големи суми пари во Киев, наместо да се занимава со сопствените проблеми“, рече Медведев.

Тој потенцира дека Украина не ѝ е потребна ниту на Африка, како ни на Латинска Америка и Азија, бидејќи имаат сопствени проблеми.

„Покрај тоа, дивовските земји, како што се Индија, Кина и други земји од Азиско-пацифичкиот Регион имаат доволно проблеми со економското закрепнување по завршувањето на пандемијата на Ковид-19“, рече Медведев.

Нагласувајќи дека ни на Москва не ѝ се потребни „делови на Русија кои се именуваат како Украина во 1991 година“, Медведев истакна дека им е потребна „Голема Русија“.

„Украина не им е потребна ниту на граѓаните на Украина“, рече Медведев, посочувајќи дека само 20 милиони од 45 милиони жители останале во земјата.

„Таква Украина не му е потребна никому на планетата. Затоа нема ниту да постои“, заклучи Медведев.