Медведев ја покажа шокантната мапа на Украина: Откри до каде планира да оди Русија и ја отфрли можноста за преговори со Зеленски (ФОТО/ ВИДЕО)

Дмитриј Медведев, поранешниот руски претседател, рече дека Украина е дел од Русија и ја отфрли можноста за мировни преговори со сегашните украински власти.

Медведев, кој е заменик претседател на Советот за безбедност на Руската Федерација, нагласи дека Русија ќе продолжи со таканаречената специјална воена операција додека другата страна не капитулира и додаде дека „историските делови на Русија“ ќе се вратат дома.

Тој го одржа предавањето пред мапата на Украина, која ја прикажува таа земја како скратена територија покрај Полска и со Русија, која целосно ги контролира истокот и југот на земјата, како и целиот брег на Црното Море.

Мапата покажува и дека делови од Украина се припоени кон Полска, Унгарија и Романија.

– Еден од поранешните украински лидери во одреден момент рече дека Украина не е Русија. Тој концепт мора засекогаш да исчезне. Украина е дефинитивно Русија – рече Медведев на предавањето „Географски и стратешки граници“.

Тој ја отфрли можноста за мировни преговори со актуелното украинско раководство на чело со претседателот Володимир Зеленски и рече дека секоја идна украинска влада, доколку сака да преговара, ќе мора да ја препознае „новата реалност“ на теренот.

– Териториите на двата брега на реките Днепар се дел од стратешките и историските граници на Русија. Затоа сите обиди за насилно менување и отсекување се осудени на неуспех – додаде Медведев.

Коментирајќи ги односите Исток-Запад, Медведев, кој ги обвинува американските специјални сили и воени советници за војна против Русија, рече дека односите меѓу Москва и Вашингтон се полоши отколку за време на кубанската ракетна криза во 1962 година.