Медиумите се “згради со опрема” преку нив олигархијата се пресметува со премиерот: Величковски ги повика странските амбасади да кажат како ги финансирале телевизиите
Не стивнуваат коментарите и реакциите по прекинувањето на емисијата Само Вистина на Канал 5 телевизија од страна на директорот на истиот медиум. Во еден дел од реакциите се оправдува однесувањето на првиот човек на Канал 5, во други коментари се напаѓа. ВМРО ДПМНЕ застана зад ставот на Канал 5, на таа линија е и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, лидерите на политичките партии, Максим Димитриевски, Павле Трајанов и други.
Поранешниот премиер и лидер на ВМРО ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски смета дека ваков примитивизам немаме видено во овие 30 години демократија и дека е тоа голем срам за македонското новинарство. Канал 5 поставува нови стандарди во македонското новинарство и дека би било добро следниот пат да истепаат некој, иронично заклучува тој.
Ивон Величковски, поранешен пратеник а сега на чело на движењето Нова Република јавно праша: “Зошто глумите изненаденост”? Според неговото мислење “фактичка медиумска цензура пак стана очигледна кога премиерот најави судир со “олигархијата” (читај: скопската југо-тајкунерија), а изјавата ја пренесоа само пар портали.”
Според негово мислење “Владата не смее да одговори со легализирање на државно финансирање на приватните медиуми. Целта на коалицијата на ПЈРМ-овските анти-интегративни структури во сите партии е враќање на партиско-медиумскиот труст со јавни пари од 2009 наваму – за одржување на нивните привилегии и економско-политичка моќ – и преку ваквите медиуми.”
Величковски ги повика амбасадите и тие кои со фондови ги финансираат медиумите да се соочат со нивната одговорност: “Вистинска тема е каков е ставот на (фондовите на) амбасадите кои со децении финансираа(т) проекти во (слободата на) медиумите и изразувањето во земјава:
– Дали се исполнети нивните цели?
– Дали има функционални институции што ги гарантираат овие слободи?
Од ставот на амбасадите и фондациите по овој повик зависи дали ова ќе остане само “настан” или ќе следи расчистување во функционирањето на новинарските и медиумските здруженија, агенциите за аудио-визуелни услуги и… дали со нивни донации ја одржуваат југо-советската тајкунерија или ја помагаат Северна Македонија”, заклучува тој.