Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска ги критикуваше Франција и Германија, затоа што не била поканета на вечерата во Париз со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц се сретнаа со Зеленски синоќа во Париз, пред денешниот самит на ЕУ.
Но, за разлика од минатата година, кога тогашниот италијански премиер Марио Драги работеше рака под рака со Макрон и Шолц за Украина, Мелони не беше поканета, коментираат светските агенции.
Во изјавата при пристигнувањето на самитот во Брисел, Мелони, која ја презеде премиерската функција во октомври минатата година, рече дека смета дека тоа е несоодветно.
– Мислам дека нашата сила во оваа борба е единството, нагласи таа.
Мелони подоцна се сретна со Зеленски на маргините на самитот на ЕУ.
Коментирајќи ја нејзината изјава, Макрон рече дека смета оти синоќешната вечера била соодветно организирана.
– Како што знаете, Германија и Франција имаат посебна улога кога станува збор за Украина веќе осум години, рече Макрон мислејќи на заедничкото посредување на двете земји кои се обидоа да спречат конфликт меѓу Русија и Украина.