Мемов во „Вин-Вин“: ПИОМ, со одлуки на влада, сукцесивно остана без уделите во големите компании и затоа во 2003-2004 година се прави реформа со три столба
Основен извор на финансирање на ПИОМ се т.н. изворни приходи, т.е. приходите од наплата на придонес за пензиско и инвалидско осигурување на бруто плата, односно 18,8 проценти, истакна, Никола Мемов, директор на ПИОМ, во вечерашното интервју во „Вин-Вин“ на Телма ТВ.
„Од тие изворни приходи, од 18,8 проценти, треба да се знае дека само дел од нив се користи за исплата на пензии, а друг дел се исплаќа, односно се трансферира во т.н. втор столб во државата. Или 12,8 проценти се исплаќаат за пензии, а 6 проценти, односно една третина од вкупниот Буџет што се собира како приход од овие извори на финансирање др трансферираат во вториот столб“, нагласи Мемов.
Изворните финансии, односно од 18,8 проценти, додаде тој, не се доволни за исплата на сите пензии.
„Претходните влади, од формирање на македонската држава, знаеле дека финансирањето не може целосно да се покрие од придонесите за пензиско и инвалидско осигурување. Затоа се прават концепти за изнаоѓање на начини за обезбедување на пасивен извор на приход. Во 90-тите години, кога се донесе Законот за приватизација, тој концепт е применет преку процентуални удели, акции од акционерските друштва. И, замислете, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување имал акции од над 10 проценти од Алкалоид, од Европа, од Цементарница, од Телеком, од Комерцијална банка… Од сите големи компании во Македонија. Концептот бил преку комерцијално, успешно работење на овие компании, преку дивиденда да се покрива таа дупка за исплата на пензии“, образложи Мемов.
Оде разноразни социо-економски мерки, додаде тој, „изминатите влади овие удели во компаниите, сукцесивно, со одлука на влада, ги продава и се откажува од тие удели“.
„Значи државата, владата. се откажува од тој извор на финансирање. Како концепт, дека мора да се обезбеди дополнителен пасивен приход за полнење на буџетската каса за исплата на пензии, се прави повторно нова реформа во 2003, 2004 година со три столба, каде исто така се применува овој концепт на обезбедување на средства, пасивен извор на финансирање. Значи парите да работат за тебе, односно за нас. Таа улога им ја дава на пензиските друштва во вториот столб, со намера дека тие подобри инвеститори, подобри стопанственици на капиталот и да ги оплодуваат парите. Значи, буџетите кои се издвојуваат од осигурениците, ќе се оплодуваат“, објаснува Мемов.
Трансферите од владата до пензискиот фонд за исплата на пензиите се смислени, така се стратешки поставени, посочува Мемов.
„Владата пред 20 години знаела дека една третина од буџетот што се прибира ќе се уплаќа и акумулира во вториот столб“, вели првиот човек на ПИОМ.