Мерц: Германија мора да ја води Европа напред

Германскиот канцелар Фридрих Мерц истакна дека има намера повторно да ја направи Германија движечка сила на Европската Унија, како и дека сака да даде „личен придонес за да се осигури дека Европа успешно ќе продолжи во наредните години“.

На своето прво учество на самитот на ЕУ, кој заврши во четврток во Брисел, откако ја презеде функцијата во мај, Мерц рече дека сака да види брзо решавање на трговскиот спор на Европската Унија со Соединетите Американски Држави.

„Исто така, ја поддржувам Европската комисија во сите нејзини напори за брзо постигнување трговски договор со САД“, рече Мерц, објави Танјуг.

Рокот што го постави американскиот претседател Доналд Трамп за преговори за царини со ЕУ истекува на 9 јули, а Мерц ја обвини Европската комисија дека преговорите се „премногу комплицирани“.

Кога станува збор за војната на Израел во Појасот Газа, Мерц ги отфрли казнените мерки против таа земја или суспендирањето на Договорот за асоцијација на ЕУ со Израел, што го побараа некои земји.

Ова следеше по објавувањето на ревизорскиот извештај на ЕУ, во кој се наведува дека постапките на Израел во крајбрежната зона ги кршат воспоставените принципи на тесна соработка со меѓународната заедница.

Во заедничка изјава, шефовите на држави и влади на ЕУ ги повикаа сите страни на Блискиот Исток да покажат воздржаност и да го почитуваат меѓународното право. Тие, исто така, потврдија дека Иран никогаш не смее да се здобие со нуклеарно оружје, како и дека Европската Унија ќе продолжи да учествува во сите дипломатски напори за намалување на тензиите во регионот.

Мерц учествуваше и на неформален состанок на маргините на Европскиот совет во Брисел, на кој присуствуваа лидерите на 21 од 27-те земји-членки на ЕУ, кои имаат намера да развијат предлози за построга миграциска политика, чии домаќини беа Данска, Италија и Холандија.