Само уште „Пулга“ да каже „да“
Претседателот на Шпанската фудбалска федерација (РФЕФ) Луис Рубиалес изјави дека Лионел Меси ќе биде пречекан со раширени раце доколку реши да се врати во Шпанија, пренесува шпанскиот портал АС.
На почетокот на неделата, британските медиуми објавија дека фудбалерот на Пари Сен Жермен, Лионел Меси сака да се врати во Барселона и е подготвен да има помала плата во каталонскиот клуб од онаа што ја има во редовите на шампионите на Франција.
– Не знаеме дали Барса преговара со Меси. Имав среќа да играм против него, но не знам дали е среќа или лоша среќа бидејќи имав тешка работа. Тој е уникатен, спектакуларен и фантастичен. Но, во однос на неговото евентуално враќање, јас не се мешам– истакна Рубиалес.
Тој додава дека сите во Шпанија сакаат најдобрите играчи во светот да играат во нивната лига.
– Сите во Шпанија и сите следбеници на шпанскиот фудбал сакаат најдобрите играчи да бидат во нашата лига. Имајте предвид, прашање е само за него или за Барселона дали ќе се врати или не. Што и да се случи, Меси е единствен во светот и секогаш ќе му посакувам се најдобро. Ако се врати, ќе биде пречекан со раширени раце– заклучи Рубиалес.