Метеоритот што падна во градина во Германија може да му донесе 250.000 евра на семејството

– Парите не растат на дрвјата, според македонската поговорка, но можеби одвреме-навреме „паѓаат од небо“ бидејќи метеоритот што паднал во една градина на дом во Германија може да му донесе околу 250.000 евра на среќното семејство, објавија локалните медиуми.

На 25 април метеоритот паднал во градината на Махмут Шахин во Елмсхорн, во германската покраина Шлезвиг-Холштајн.

Според дневниот весник „Хамбургер Абендблат“, метеоритот датира од околу 4,5 милијарди години – кога Земјата само што се формирала – и е најголем што досега е пронајден во Шлезвиг-Холштајн, најсеверната покраина во Германија.

Шахин за весникот „Билд“ изјави дека прво му биле понудени до 300.000 евра за метеоритот.

„Но сега експертите ја проценуваат вредноста на метеоритот на најмалку 400.000 евра“, објави весникот денес.

„Не сакам метеоритот да исчезне во некој приватен трезор. Секој треба да биде во можност да го види бидејќи сега е дел од историјата на Шлезвиг-Холштајн“, изјави за „Билд“ Махмут, кој е член на турско мигрантско семејство.

Според весникот, во моментов се водат преговори со музејот во Хамбург, кој е подготвен да плати околу 250.000 евра.

Семејниот човек за „Билд“ изјави дека сака да вложи дел од парите, а другиот дел да го искористи за добра цел.

Во моментов Шахин го изложува метеоритот на Саемот за минерали во Минхен.