Меѓународниот кривичен суд го отфрли барањето на Израел за поништување на потерницата по Нетанјаху за воени злосторства во Газа
Меѓународниот кривичен суд (МКС) ја отфрли жалбата на Израел со која се бара поништување на налозите за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант, издадени за воени злосторства во Појасот Газа.
Судот пресуди дека „нема законска основа“ за укинување на наредбата.
Иако Израел не е член на судот, Палестина е од 2015 година, што му дава право на МКС да истражува злосторства извршени на нејзина територија, вклучувајќи ги Газа, Западниот Брег и Источен Ерусалим.
Налозите за апсење на Нетанјаху и Галант беа издадени во ноември 2024 година, а ова е прв случај во кој судот побара апсење на високи функционери на западните сојузници. Палестинската самоуправа ја нарече одлуката „историска“, додека израелските власти го обвинија судот за антисемитизам.
Ве потсетуваме дека САД воведоа санкции против неколку судии и обвинители на МКС.
Според Римскиот статут, сите 124 земји-потписнички, вклучувајќи ги и членките на Европската Унија, имаат обврска да ги уапсат Нетанјаху и Галант доколку се најдат на нивна територија. Сепак, судот нема свои механизми за спроведување апсења.
Војната во Газа, која започна на 7 октомври 2023 година по нападот на Хамас, одзеде повеќе од 68.000 палестински животи. Повеќе од 80 проценти од жртвите се цивили, а поголемиот дел од инфраструктурата во Газа е уништена.