Министерството за здравство информира дека е констатирана потреба од набавка на нови амбулантни возила за потребите на јавните здравствени установи во Република Северна Македонија поради тоа што најголем дел од возилата што се на располагање на установите се застарени, дотраени, со поголема километража од техничкиот максимум и амортизирана.
За таа цел, Министерството ја подготви и достави до Владата информацијата за давање согласност за прием на обврските, за чија исплата е потребно користење на буџетски средства во наредните години на Министерството за здравство за откуп од 22 амбулантни возила.
Овие возила ќе имаат подобрена медицинска опрема за потребите на институциите во државата, врз основа на која Владата даде согласност за набавка на 22 амбулантни возила со подобрена медицинска опрема, стои во Изводот од Предлог-записникот од 180. седница на Владата одржана на дт. 22 август 2023 година.
Министерот за здравство Фатмир Меџити вели дека новите амбулантни возила се најголемата набавка во историјата за итна помош.
„Добиваме 22 нови амбулантни возила, најголемата набавка во историјата за итните служби. Со набавка на современи возила и опрема со кои ќе бидат опремени амбулантите, ќе се овозможи преземање на професионални медицински интервенции за стабилизирање на состојбата на пациентот и започнување на првичното лекување во зависност од видот на повредата и болеста за која е индициран повикот. Новите амбулантни возила ќе бидат опремени со подобрена медицинска опрема“, нагласува Меџити.
Постапката за јавна набавка на 22 амбулантни возила со подобрена медицинска опрема е објавена во Електронскиот систем за јавни набавки на 05.12.2023 година, со оглас број 21959/2023. Во моментов постапката е во фаза на доставување понуди до економските оператори и рокот за доставување истекува на 05.01.2024 година.