Меџити: Конечно надминат наследениот проблем со набавката на ленти за мерење шеќер

Министерот за здравство Фатмир Меџити сподели на својот Фејсбук профил информација дека конечно е надминат наследениот проблем со набавката на ленти за мерење шеќер и дијабетичарите веќе во текот на следната недела ќе може да ги набават во аптеките.

Тој истакна дека се прават максимални напори што побрзо да пристигнат и сензорите за дијабет. Со нив, вели министерот, децата по прв пат ќе може безболно да го мерат шеќерот во крвта и вети дека во неговиот мандат доцнење на набавка на лекови нема да има.

-Наследените проблеми ги решаваме затоа што пациентите секогаш ми биле и ќе ми бидат на прво место. Го решивме наследениот проблем со недостаток на ленти за мерење на шеќер во крвта. Доволна количина ленти која ќе ги задоволи потребите на дијабетичарите е веќе на пат кон државта, а во текот на следната недела ќе бидат достапни во аптеките. Правиме и максимални напори наскоро да пристигнат и сензорите за дијабет кои по прв пат ќе може да ги користат децата за безболно мерење на шеќер, напиша тој.

Со ова, додава, ќе исполниме едно од најзначајните барања на дијабетичарите.

-Им се заблагодарувам на трпението на пациентите и жалам за настанатата ситуација која е резултат на непостапувањето и негрижата на Беким Сали. Како што ветив, додека сум јас министер доцнење на лекови кои ги обезбедува Министерството за здравство нема да има, напиша министерот Меџити на Фејсбук.