Меџити: Нема да има предвремени парламентарни избори

Кандидатот за градоначалник на Чаир од коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, изјави дека не очекува предвремени парламентарни избори, бидејќи според него, моменталниот фокус останува на локалните избори на 19 октомври.

„Некој сака да лаже, да го мотивира својот електорат дека ова се локални избори и по локалните избори ќе одиме на парламентарни избори. Мислам дека кога овие луѓе од АА ќе ги видат резултатите од локалните избори, ќе заборават на парламентарните избори. Значи, сега сме фокусирани на локалните избори, Владата има легитимитет, има бројки, има задачи пред себе, има програма пред себе и нема потреба да правиме дополнителни трошоци за предвремени парламентарни избори. Изборите ќе бидат регуларни кога ќе бидат закажани“, рече Меџити.

Потсетуваме дека вчера премиерот на земјата, Христијан Мицкоски, не ја исклучи можноста за предвремени парламентарни избори, а истата идеја ја поддржа и албанскиот опозициски блок.