Првиот вицепремиер Изет Меџити посочи дека со новата Влада работат на нов закон за казината и игрите на среќа.
-Работиме на нов закон за казината и игрите на среќа, кој ќе биде многу поригорозен бидејќи сакаме оваа држава да се развие економски, а не да стане Лас Вегас на Балканот – посочи Меџити.
Тој истакна и дека со нивното доаѓање на власт нема да се зголеми бројот на казината и обложувалниците.
-Ние не зедовме ниту директорско ниту заменичко место, како ни член на управен одбор на дирекцијата за игри за среќа на Лотарија на Македонија. Тоа беше првиот чекор, вториот чекор е нашата парламентарна група заедно со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, бараме автентично толкување на законот. Владата веќе донесе таков став, чекаме и Собранието тоа да го потврди и ако го потврди, во тој случај петте концесии за онлајн-казино ќе стапат во сила. Нормално, и тој што ги донел тие закони треба да одговара – додаде Меџити.
Според него, важно е што казината ќе бидат далеку од децата.
Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за одземањето на две лиценци на компании за игри на среќа, рече дека станува збор за фирми тесно поврзани со претходната власт, кои работеле незаконски и не плаќале данок.
-Имаме два случаи за одземање на лиценци за игри на среќа едната е од Струмица, другата е од Скопје, не ги уплаќале даноците редовно, работеле незаконски би рекол, врз основа на мислењето коешто го добив под надлежните институции. Но ова не е сѐ. На седницата на Владата беше прифатено практично толкувањето на Законот во коешто е констатирано дека од 2017 година „Лотарија на Македонија“, без разлика што и самата не поседува лиценца самата издавала лиценци за приредување на игри на среќа – изјави Мицкоски.
Тој додаде дека документацијата е предадена на истражните органи и очекува надлежните институции да излезат со став.